Прес Новости Промоција на Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија

Промоција на Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија

Програмата е стратешки документ што ќе овозможи преземање долгорочни мерки за ревитализација, одржлив развој, стопанско и културно реактивирање на Чаршијата, зачувување на нејзиниот идентитет и афирмација за натамошен развој.
Прошетка низ старата скопска чаршија
Во присуство на премиерот Никола Груевски, градоначалниците на општините Чаир и Центар и на градот Скопје, стручни лица и амбасадори во Република Македонија, програмата ја презентираше претседателката на Националниот совет, Јасмина Хаџиева-Алексиевска. Петтогодишната програма опфаќа четири стратешки развојни подрачја - занаети, одржлив туризам, култура и угостителство и трговија. Хаџиева-Алексиевска нагласи дека приоритети се кохезија на чаршијата со градот Скопје, институционално јакнење, нови извори на финансирање, јавно-приватно партнерство за услужните дејности, подигање на свеста на граѓаните за значењето на Чаршијата.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска потсети на Законот за Старата чаршија донесен во 2008 година, со кој се уредуваат клучните прашања за практичните аспекти на заштитата на таа споменична целина како конгломерат на култури и профани и сакрални објекти од средниот век и составен и незаменлив дел на модерно Скопје.
Промоција на Програмата за ревитализација на старата скопска чаршија во Чифте Амам
- Со ревитализацијата ќе се овозможи општ развој на заедницата во чаршијата, но и на сите луѓе кои тука ќе доаѓаат да работат, учат или да го поминат слободното време. До Министерството за култура се пристигнати повеќе иницијативи за доделување простор во Старата скопска чаршија кои во моментов се разгледуваат, се со цел да се доделат на користење на заинтересираните субјекти од областа на културата кои ќе придонесат за заживување на ова јадро - рече Канческа-Милевска. Таа соопшти дека со партнери од Франција е почнат и процес за инвентаризација на Чаршијата и оти во 300 од 650 одделени објекти таа е завршена.

Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити информираше за активностите што ги презела неговата општина за ревитализација на Чаршијата, констатирајќи нејзина запоставеност во изминатиот период.

- Нам, како нова генерација, во аманет ни е оставена благородна задача да го зачуваме ова богатство, да му ги зголемиме вредностите и да го оставиме на идните генерации како доказ за различни историски периоди, но и како доказ за вековниот соживот на овие простори, рече Меџити.

За програмата е отворена и веб-страница www.skopskacarsija.gov.mk, а Сојузот на стопанските комори и Кинотеката на Македонија изработија спот.

Обраќање на министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска по повод промоцијата на Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија