Прес Новости Чаршијата никогаш пожива

Чаршијата никогаш пожива

zvucite-na-carsijataВо Старата скопска чаршија во саботата вечер вриеше од луѓе, а културните и музичките настани кои таму се случуваа, како никогаш досега привлекоа илјадници посетители. Присутните граѓани од сите возрасти ги исполнија улиците во Чаршијата, а главниот коментар беше дека ваквите настани треба да станат не само традиција, туку и секојдневие, барем во летниот период.

-Требаше и досега некој да се сети дека сите овие објекти во Чаршијата може да бидат одлично место за забава и културни случувања, а не да се дозволи овој дел од градот да замре, како што беше последните десетина, па и повеќе години. Се надеваме дека вакви настани ќе има почесто, што е добро и за туристите кои го посетуваат градот, ни изјавија присутните граѓани.

Тие завчеравечер тргнувајќи од Даут Пашин Амам, ги проследија и со огромен аплауз ги поздравија концертите на Чалгија саунд систем, Љубојна и Фолтин, како и поетските читања и театарската претстава, кои се случуваа на повеќе локации. Пред винаријата Темов, во Капан ан, Сули Ан , пред Чифте Амам...Младите сепак, беа најбројни, а целиот настан беше заокружен со концертот на групата Супер Хикс која прославуваше 15 години од своето постоење и која почнувајќи од 23 часот со своите песни ги забавуваше присутните пред платото на Музејот на Македонија

И дуќанџии го поздравија настанот-речиси сите дуќани во чаршијата беа отворени до доцна во ноќта, а преполни беа и кафеаните и кафулињата. Скопјани и оние што завчера се најдоа во овој дел од градот докажаа дека чаршијата има огромен капацитет да стане едно од најпосетуваните места во Скопје.

Завчерашниот настан беше во организација на Меѓународна менаџмент група (ИГМ) која ги реализира проектите финансирани од Италијанска амбасада, а беше поддржан и од Министерството за култура на РМ и Градот Скопје.