Прес Новости Старата скопска чаршија како Македонија во мало

Старата скопска чаршија како Македонија во мало

stara-carsija-1-550
Одамна низ овие сокаци во старата скопска чаршија не поминале толку луѓе како денеска. Како да се врати времето кога занаетчиите работеа, а чираците учеа. Чаршија ја живна посетата на Претседателот Иванов, а старите мајстори си ги вратија спомените како било, а како е сега.

“Замрена е сега чаршијата. Не е како што беше. Насекаде низ градов има трговски центри. Луѓето сега немаат потреба како порано да доаѓаат”, вели Димитар Гиевски сопственик на дуќан за музички инструменти во скопската чаршија.

Претседателот го одбра денешниот ден, а чаршијата како место за да види како 8 години потоа живеат занаетчиите кои со децении се овде во чаршијата. Политиката и еснафот овде не се мешале.

“Кај нас има едно правило. Ние сме еснафи, ние мораме да биде сложни и сложни сме. ”, вели Сеат Буши-златар. “Меѓу нас нема ништо. Тоа може нешто да прават политичарите, а ние како мајстори, како занаетчии, како работници немаме со никого ништо. Фино си живееме” , изјави Андеа Нешовски-казанџија.

Сега претседател но во времето на создавање на рамковниот, како тогашен колумнист, работел на неговото приближување кон јавноста. Но, иако сега на клучна функција тој немаше забелешки на неговото имплементирање и не зборуваше за критиките од албанскиот блок дека напишаното главно останало само на хартија.

“Без разлика какво е нашето мислење, нашето убедување, се покажа дека во тој момент е донесена една одлука која се однесува на иднината на земјата. И таа делува позитивно и oбединувачки” , изјави Претседателот Ѓорѓи Иванов.

За Иванов чаршијата била како Македонија во мало, па така за еден час успеа да види речиси се што останало од занаетите. Си ги светна чевлите, влезе кај казанџијата, а да не замине без да направи промет купи и прстен за сопругата. Доби подарок уште еден прстен. Сега е шеф на државата. Но, занаетчиите се сетија дека некогаш Претседателот им бил муштерија.

“Ми кажуваше дека во овој дуќан како студент фарбал фармерки и јакни” се сеќава Ефрим Незири - сопственик на бојачница.

Откако се напи чај, делегацијата си замина. Останаа занаетчиите. Да си го прераскажуваат денешниот ден како редок дека некој влегол во нивните дуќани.