Министерката за култура на Република Македонија ги промовираше четирите публикации
Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство на Македонија денеска промовираа четири публикации за македонското културно наследство, објавени со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Италија и Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција. Четирите богато илустрирани книги се посебни изданија за археолошките локалитети во Македонија, христијанските споменици, спомениците на османлиската култура и за културното наследство на Охрид. Публикациите се објавени на македонски јазик во 800 примероци и на англиски јазик во 1.200 примероци.
Со нив на светот ќе му бидат претставени вредностите на богатата културна ризница од различни цивилизациски периоди на територијата на Република Македонија. Претставени се само најрепрезентативните споменици, со прегледен методолошки пристап и со речник за толкување на стручните термини.
- Овие публикации кои првпат во ваков вид и обем се издаваат во нашата држава претставуваат бесценето сведоштво за континуитетот и разновидноста на материјалната и духовната култура на Македонија. Овој проект е вистински предизвик за секој што сака да се запознае со земјата - лулка на европската цивилизација... Пластовите на оваа земја имаат во себе исклучителни вредности од сите времиња и цивилизациски дострели. Над 5.160 археолошки локалитети, 1.156 цркви и манастири, 879 објекти на старата градска архитектура, 112 џамии, 10 саат-кули и многу други примероци со непроценлива вредност, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата на книгите.
Говореше и Енгелберт Роуз, директор на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција, со чија помош се објавени публикациите.
- Очекуваме овие четири тома посветени на македонското културно наследство да имаат вистинско влијание врз луѓето кои го негуваат идентитетот, заемното разбирање и културниот дијалог. Вистинската вредност на овој алманах на македонската култура е придонесот кон развојот, што ќе поттикне напредок и добросостојба преку унапредување на културниот туризам, културната индустрија и градење капацитети поврзани со културното наследство, рече Роуз и додаде дека ќе ужива во задачата да ги прочита книгите и од нив да научи повеќе за Македонија и за нејзините луѓе кои, како што рече, засега многу му се допаѓаат.
Промовирајќи ги книгите, претседателот на МАНУ академик Георги Стаределов, истакна дека Македонија е меѓу ретките земји со раритетно културното наследство „кое зборува за убавината и вечноста“, а авторите ги нарече луѓе од колумбовски тип зашто откриваат светови.
- Без овие ретки истражувачи на македонското културно наследство и без нивните откритија ние не само што не би го познавале своето минато, туку никогаш немаше да најдеме одговор на загатливите прашања - од каде всушност идеме, што всушност сме биле, како сме траеле во времето и во просторот. Без нивните откритија на географскиот македонски простор не ќе можевме да ја верифицираме историјата на пропаднатите светови, зашто без нивните докази ниедна историја на древноста нема своја научна релеванција, рече, меѓу другото, Старделов.
Автори на текстовите се истражувачи, археолози и историчари на уметноста - Анета Серафимова, Викторија Поповска-Коробар, Јулија Тричковска, Мирјана Машниќ, Зоран Павлов, Радмила Петкова, Паско Кузман, Драган Митревски, Драгиша Здравковски, Киро Ристов, Кирил Трајковски, Ленче Јованова.
Влада на РМ



