Прес Новости Претседателот Иванов се прошета низ Старата чаршија

Претседателот Иванов се прошета низ Старата чаршија

Градоначалникот на Чаир го запозна Иванов со плановите за развој на чаршијата

ivanov-carsijaПретседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, вчера се прошета во Старата скопска чаршија и разговараше со некои од занаетчиите за животот и нивната работа. На одбележувањето на осумгодишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, тој сакаше да види како живеат и како меѓусебно комуницираат луѓето во чаршијата и како ги градат вредностите од нашите предци.

Низ прошетката по чаршиските сокаци градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, го запозна Иванов со сите планови за развој на чаршијата, додека од Градот бил информиран за зафатите предвидени да се реализираат во иднина.

„Во чаршијата го чувствуваме реалниот дух на заедништво и сплотеност. Ги чувствуваме оние вредности што не' тераат да бидеме одговорни луѓе, луѓе кои знаат меѓусебно да се почитуваат. Чаршијата секојпат била место каде што луѓето се радувале на заедничките радости и тагувале за она што им се случувало во животот. Тоа е она што им го пренесуваме на нашите идни поколенија, да го чуваат тој дух, да го негуваат, да знаат како меѓусебно да си помагаат и како да соработуваат, без разлика кој од каде доаѓа и на која вера и' припаѓа“, рече Иванов, потенцирајќи дека чаршијата е нашето цивилно општество за кое зборуваат западните теоретичари и политичари.

„Тоа е фактички Македонија во мало, Македонија како модел, кога ја гледаме како функционира, ја гледаме на овој простор. И тоа е она што навистина треба да го чуваме, да го негуваме и на што треба да се гордееме“, додаде претседателот.