Прес Новости Сули Ан - некогаш карван сарај, денес...

Сули Ан - некогаш карван сарај, денес...

Инспирација за уметниците, атрактивен за посетителите

suli-anОвој објект подигнат во 15 век, лоциран во самото јадро на Старата скопска чаршија, денес е работен дом и образовна институција за млади уметници. Во објектот е сместен и Музејот на Старата скопска чаршија

Објектот Сули ан, сместен во Старата скопска чаршија, во непосредна близина на Чифте амам, го посетиле многумина, но малкумина ја знаат неговата историја. Анот претставува значаен споменик на исламската архитектура настанат во првата половина на 15 век. Во Сули ан, еден од најпознатите некогашни карван-сараи, денеска е сместен Факултетот за ликовна уметнот, како и во Музејот на Старата скопска чаршија.

- Сули ан во превод значи воден ан. Направен од камен и тула, самиот објект, неговата архитектура и локација се инспирација за младите уметници кои творат тука. Од друга страна, кога се движите по ходниците и внатрешните одаи кои во тоа време служеле и како преноќиште, ве поттикнуваат на размислување за тајните кои ги кријат. Човек се прашува кој се престојувал тука, како се живеело, а поставката во Музејот која содржи фотографии од крајот на 19 век и почетокот на 20 донекаде го доловува животот во Старата чаршија. Сепак, неопходно е обновување на оваа поставка, како и поставување на повпечатливи табли што сигурно ќе придонесе и за поголем интерес од страна на посетителите. Објектот во основа е здрав, но потребни се одредени реконструкции бидејќи забот на времето го прави своето, вели етнолог кустос, Оливера Чартовска -Тачевска.

Овој објект, додава таа, нуди мир, релаксација и сигурност, бидејќи просториите се свртени кон дворот, а се затвора со голема метална врата.

Инаку, името анот го добива поради реката Серава која течела покрај него. Во старите белешки на патеписците од 1555 година, овој објект се споменува како карван-сарај на Исхак бег, а зафаќа површина од 2.101 метар квадратен. Околу пространиот квадратен двор се наоѓал трем со аркади, од каде што се влегувало во мали засводени простории во приземјето и на катот. Во приземјето имало 27 простории, што се користеле за сместување на стоката и како магацини, а на катот имало 30 одаи во кои ноќевале трговци и патници.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, поради модернизацијата во сообраќајот, карван-сарајот на Исхак бег повеќе не ја врши функцијата за која бил изграден, а неговите простории служеле за магацини и работилници на занаетчиите од Чаршијата.

Сули ан бил оштетуван и повторно обновуван. Според старите документи бил тешко оштетен за време на пожарот по наредба на австрискиот војсководец Пиколомини во 1689 година. Сепак, најмногу настрадал во скопскиот земјотрес во 1963 година. Иако непосредно пред земјотресот во Анот живееле неколку фамилии, поради големата историска и архитектонска вредност, извршени се конзерваторско-реставраторски интервенции. Со оваа ревитализацијата Сули ан се вклучи во животот на градот, а во неговиот двор денес се одржуваат голем број културни манифестации.

Даниела ТРАЈКОВСКА