Прес Новости Вкусовите на Стара чаршија

Вкусовите на Стара чаршија

vkusovite-na-carsijataСкопската Стара чаршија ќе најде илјада начини да ви покаже дека е место каде што се среќаваат световите. Еден од нив е средбата на вкусовите на Истокот и Западот, кои ве демнат на секое сокаче по кое ќе зачекорите

Вкусови што дошле од друго време, од други светови. Небаре затворени во кутија со спомени, живеат свој живот. Нема да ги загрози ни глобализација, ни ХАСАП-систем. Вкусот на Ориентот - од појадок до легнување. Ве демнат отсекаде. Од каде и да тргнете. Вкусови што се таму низ вековите. Вкусови што е потребно само еднаш да ги пробате и никогаш повеќе без нив да не можете. Ве водиме таму, на прошетка низ Скопската чаршија, чекор по чекор по патот на вкусовите.

ТЕЖОК ПОЧЕТОК

Тргнуваме низ денот. Уште од самиот почеток Чаршијата нè пречекува со тешка задача. Што да одберете за појадок, од убавите нешта што ве предизвикуваат? Бурек, симит-погача, ѓеврек, сараевски бурек - со јогурт, чај, ајран, кафе? Одберете решително. Што и да биде вашиот избор, нема да погрешите. Секогаш ќе останат непробани неколку нешта што наскоро ќе ве повикуваат назад во Чаршијата.

Денот е пред нас. Се движиме низ сокаците, обидувајќи се да ги оживееме времињата врежани врз фасадите и плочниците. Кој пат да го фатиме? Накај која учичка да тргнеме? Што велите за дуќанчето со чудни инструменти и апарати за научни лаборатории, веднаш зад Безистен? Или, лимарот на полпат меѓу стара Слога и првите тезги на Бит-пазар? Каде и да решите да појдете, ќе дојде време да пивнете нешто за освежување. Каде и да ве води патот, по пат бездруго ќе сретнете лимонада, боровница или боза. Каде и да тргнете, попат ќе најдете нешто што ќе ве згрее додека ѕемнете шетајќи од сокаче во сокаче, по работа или од задоволство - чај, кафе, салеп, оролет.

Кај и да е, набргу ќе ве задеси “ниедно време” - доцна за појадок, рано за ручек - доцна за ручек, рано за вечера. Но, Чаршијата секогаш има решение - лахмаџун со ајран, леблебија или топли кикирики.

Ви паднал шеќерот, а уште ви се чини рано да влезете во слаткарница? Подзастанете во леблебџилницата и разгледајте ги големите тегли со шеќерчиња, бонбони какви што некогаш одамна сте гледале во маалската бакалница. Чаршијата е местото што ќе ве потсети на времето кога сте ја барале дневната доза банки, динарчиња или денарчиња од повозрасните, доволни за да си купите парче радост од теглите со отвор накосо.

Време за ручек. Чаршијата мириса на скара, тавче-гравче и вкусни јадења од акчилниците. Одвреме-навреме тон ќе им дадат штотуку ставените лути пиперчиња врз скарата, нестрпливо чекани од гостите да се потпечат. Повторно, што и да одберете - нема да погрешите. Го правите вистинскиот избор - заминувајќи со грст вкусови во себе што нестрпливо ќе ве повикуваат назад во Чаршијата.

Пред вас е долг ден за прошетки. Ќе ви треба сила и бистар ум за да разгледате сè што ќе ви ги подлаже очите. Обидете се со чашка-две турски чај - формула што секогаш се покажува успешна. Седнете на теферич, под Свети Спас или веднаш под јорганџиите, уживајќи во убавите мисли и раздвиженоста на улиците што станува сè помрзелива. Ако ве задеси вторник или петок - полна капа! Тркнете до Бит-пазар, натежнат од свежо овошје. Ќе ви треба свежина за нови пустоловини низ Чаршијата.

ТАМАМ

Еден по еден, се јавуваат оџите што повикуваат на молитва. Кај да е, и камбаната на Свети Спас ќе заѕвони. Се движиме накај излезот - еден од многуте. Време е да си земеме сувенир на денот, нешто што ќе нè испрати до денешно Скопје. Тркнете до првата слаткарница и седнете на казан-диби - пудингот од дното на казанот, каков што нема да најдете на друго место. Би било убав гест да однесете нешто и дома, на домашните. Побарајте да ви спакуваат некое парче ф'стак баклава. Сувенир нека бидат фишек печени костени и споменот на убавите вкусови што ќе ве повикува назад во Чаршијата. Сè е тамам!

Пишува: Васко МАРКОВСКИ