Програма Цели на програмата

Цели на програмата

  1. I. ЦЕЛИ НА ПРОГРАМАТА

Денешнта состојба на функционална девастираност и физичка загрозеност на Чаршијата (предизвикана воглавно од човечки фактор), во суштина претставува резултат на општата транзициона трансформација во земјата во последните две децении. Промените во подрачјето на легислативата, социјалното, културолошко и етничко раслојување, административната децентрализација и многу други фактори, предизвикаа безброј интензивни негативни трансформации во Чаршијата. Негативно влијаат и промените во сопственичката структура како и глобалното пренасочување на економскиот интерес кон различни гранки на стопанисување со објектите.

Тесно поврзана со тоа е и промената на економскиот статус на корисниците на просторот на Чаршијата што многу директно се одразува во тенденции изразени со непочитување на законски пропишаниот однос кон вредностите на чаршијата кои се утврдени како примарни за зачувување.

Едно од круцијалните прашања се непостоењето на меѓуресорска соработка интерминистерска соработка, како и изолирање на услугите и администрацијата од една и локализирање на активностите од друга страна.

Донесувањето на Законот за прогласување на старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење, во крајот на 2008 година, претставува вистински чекор и израз на оперативна намера за промена на состојбата во позитивна насока.

Донесувањето на Програмата за ревитализација произлегува од истиот закон и треба да претставува документ кој ќе има ефект на „лавина”,по однос на активностите.

Во таа насока целите на Програмата се:

а) за успешна реализација на ревитализацијата во сите нејзини фази, да се креира оперативен и одржлив инструментариум кој ќе се фундира на:

- долгорочно искористување на севкупните потенцијали на Чаршијата

- законските рамки кои ја регулираат Чаршијата на национално и локално нивозаедно со механизмите на децентрализација.

б) да се креираат нови неконфликтни механизми, туку комплементарни и унапредувачки кои ќе ги олеснуваат процесите на ревитализацијата и проектите во нејзина насока.

в) да се овозможи операционализација на специфични таргетирани проекти чија цел ќе биде воспоставување на нови менаџмент методи за урбанистички развој и ревитализација на Чаршијата, а кои ќе ги користат но и ќе го тестираат капацитетот (способноста) на постоечките законски и друг вид важечки документи донесени на ниво на институции.

г) дефинирање на рамки за спроведување на такви активности кои ќе ја овозможат реализацијата на проектите засновани на одржлив економски развиток од кои ќе произлезе унапредување на културното наследство (архитектонско, урбано, занаетчиско) и други дејности комплементарни на амбиентот на чаршијата, но и на градот Скопје во целина.

д) дефинирање на можните алтернативи за хомогенизација на деструираната територија и функција на чаршијата, која состојба претставува директна опасност (ризик) за опстојување на посебноста на просторот и заедницата во неа.

ѓ) осмислување на ендогени развојни стратегии кои се способни да на најдобар начин ги искористат ресурсите на чаршијата.